ОПЕРАЦИИТЕ ШТО СЕ ВРШАТ СО ПОМОШ НА РОБОТСКИ СИСТЕМИ ЗА ОПЕРАЦИЈА СЕ ИСТАКНУВААТ НАД ДРУГИТЕ ВО ТРЕТМАНОТ НА РАК НА ПРОСТАТА. СПЕЦИЈАЛНИТЕ СВОЈСТВА НА РОБОТСКАТА ТЕХНИКА ОВОЗМОЖУВААТ ОПЕРАЦИЈАТА ДА ДАДЕ ЕФИКАСНИ РЕЗУЛТАТИ.
Ракот на простата, којшто е еден од најчестите типови рак кај мажите, повеќе нема да има репутација на страшна болест благодарение на раната дијагностика и успешни техники на лекување. Хируршките процедури за третман на овој тип рак, од којшто ризикот расте правопропорционално со возраста на мажите, се врши со техника на роботска хирургија. Проф. Булент Сојпак, (Bülent Soyupak), уролог и медицински директор на болницата „Аџибадем Адана“, нагласува дека операциите на рак на простата кои се вршат со помош на робот даваат поефикасни резултати.
Простатата, жлезда која ја има само кај мажите, помага при уринирањето. Оваа жлезда, која е присутна кај секој маж од самото раѓање, е поврзана со проблеми кои се појавуваат со одминувањето на возраста, како што е зголемување и други проблеми. Слично на бенигното зголемување на простатата кое предизвикува проблеми при уринирањето, ракот на простата е исто така една од болестите кои често се среќаваат кај мажите во целиот свет. Во Турција ова заболување е на петтото место на листата на најчести типови канцер. Во лекувањето на ракот на простата, кој се манифестира со тешкотии и промени при мокрењето и болки во долниот дел на грбот, голема предност овозможува раното откривање. Раното откривање вклучува проверка на нивото на ПСА (антиген што е специфичен за простатата) во крвта, како и дигитален ректален преглед. Проф. Сојпак наведува дека самата евалуација на нивото на ПСА е причина кај некои пациенти да биде дијагностициран клинички незначаен степен на рак на простатата и вели: „Ова доведува до непотребни третмани на рак. Со други зборови, високо ниво на ПСА не значи секогаш дека лицето има рак на простатата. Покрај ова, треба да се испита и семејната медицинска историја на пациентот“.
Третманот на ракот на простата се планира во согласност со возраста на пациентот, дополнителните патолошки состојби и стадиумот на рак кај пациентот. Третманот вклучува отворена операција или лапароскопска радикална простатектомија. Научните податоци укажуваат дека над 80% од пациентите во САД се подложуваат на радикална простатектомија која се врши со помош на робот. Кога е во прашање простатектомијата, која значи целосно отстранување на простатата, проф. Сојпак ни објасни кои се предностите на роботската хирургија: „Роботската направа му ја олеснува работата на хирургот, бидејќи му овозможува да прави мали инцизии и му обезбедува снимки со висок квалитет. Пациентот губи помалку крв, а се минимизира и ризикот од оштетување на нервите кои се поврзани со сексуалната функција, како и ризикот од предизвикување инконтиненција. Исто така, не треба да се заборави дека овој метод им овозможува на пациентите порано отпуштање од болница и соочување со помалку постоперативни компликации.“ Екстензиите на роботскиот уред им овозможуваат на хирурзите да вршат маневри кои не би можеле да се изведат рачно поради самата природа на рачните зглобови. Тридимензионалното снимање и елиминацијата на можниот третмор кај рацете се само некои од предностите кои ги овозможува овој метод.
Студиите кои се спроведени досега укажуваат дека за здрава простата, треба да имаме здраво срце. Со други зборови, доброто општо здравје, редовните физички активности, одржувањето идеална телесна тежина и придржувањето кон исхрана која е богата со овошје и зеленчук, го штитат срцето и го намалуваат ризикот од развој на рак. Дури и ако се развие ова заболување, ваквите мерки се и понатаму корисни, затоа што му помагаат на пациентот полесно да помине низ процесот на опоравување. Мажите кои имаат случаи на рак на простата во семејната историја треба да започнат со прегледи на порана возраст од останатите луѓе. Во секој случај, сите мажи кои се постари од 45 години треба секоја година прават испитувања и да не ги запоставуваат превентивните прегледи.