Томографија која е безопасна за бубрезите - Acıbadem Healthcare Services (MK)
Томографија која е безопасна за бубрезите

Томографија која е безопасна за бубрезите

ПОСТОЈАНИОТ ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ОВОЗМОЖИ КОМПЈУТЕРСКАТА ТОМОГРАФИЈА ДА СЕ ВРШИ СО ПОНИСКИ ДОЗИ РАДИЈАЦИЈА И КОНТРАСТНИ АГЕНСИ. НА ТОЈ НАЧИН СЕ НАМАЛУВААТ НЕСАКАНИТЕ ПРИДРУЖНИ ПОЈАВИ НА ОВОЈ МЕТОД, ПОРАДИ ШТО НЕГОВАТА ПРИМЕНА ВО ОБЛАСТА НА КОНЗЕРВАТИВНАТА МЕДИЦИНА Е СÈ ПОГОЛЕМА.

Компјутерската томографија (КТ) е метод што спасува животи и има голема примена во дијагностиката. Радијацијата и интравенозно администрираниот контрастен агенс кои се употребуваат кај овој метод, овозможуваат многу подобар поглед на крвните садови и органите и обезбедуваат попрецизно детектирање на некои потенцијални патологии. Меѓутоа, долгорочните ефекти на радијацијата на кои се изложени пациентите, во последно време станаа дискутабилни. Кога се применуваат дијагностички методи, од суштинска важност е да се изберат оние кои ќе дадат максимално количество информации, но и минимален број негативни ефекти врз пациентот. Д-р Џенгиз Бавбек (Cengiz Bavbek), радиолог во болницата Аџибадем Маслак, наведува дека, поради ваквата перспектива, целта на истражувањата во областа на компјутерската томографија е употребата на радијација и контрастни агенси да се сведе на минимум.

Кога станува збор за контрастните агенси, кои се администрираат интравенозно, треба да се спомене и можноста да предизвикаат проблеми со бубрезите. Овие средства, кои им се даваат на пациентите за да се добие подобар квалитет на снимката и да се овозможи брзо дијагностицирање на какви било потенцијални патологии, се исфрлаат од телото преку бубрезите. Кај пациентите чии бубрези се приемчиви за ренални заболувања, како и кај постарите пациенти чии бубрези се исцрпени, процесот може да има негативни ефекти врз овие органи. Од посебна важност е да се внимава при администрирање на овие средства кај хоспитализирани пациенти и пациенти чиј имунолошки систем е ослабнат од разни причини. Сите овие ризици можат да ја ограничат употребата на КТ. Somatom Force, еден од апаратите за КТ од новата генерација кои се опишани како безопасни за бубрезите, е многу побезбеден за употреба кај пациенти со бубрежни проблеми кои мораат да се подложат на КТ.

Д-р Џенгиз Бавбек вели: „Големата брзина со која се врши процесот на Somatom Force ни овозможува да добиеме снимки со висок квалитет, а со употреба на ниски дози радијација и за многу кусо време, без да мора да се користат средства за седација, посебно кај бебиња и деца“.

ЦЕЛТА Е ЗАШТИТА НА ЛУЃЕТО ОД БОЛЕСТИ

Наведувајќи дека пристапот во медицината во светот сè повеќе се ориентира кон конзервација, т.е. сочувување, д-р Бавбек вели: „Нашата цел е да спречиме болести и да ја утврдиме можноста за развој на некое заболување. Во овој миг, во тек се истражувања и во областа на радиологијата. Развојот на КТ го потврдува тоа. На пример, сега, наместо радиографија, правиме томографија на белите дробови и продуцираме снимки од пресек и тридимензионални снимки за да ги детектираме малите лезии кои можат да предизвикаат проблеми во иднина. Добиваме резултати со повисок квалитет, без да ги изложиме пациентите на високи дози радијација“.

Исто така, можеме да правиме коронарна КТ ангиографија, која вклучува многу ниска доза радијација, на пациенти немаат никакви заболувања во моментот, но кај кои се присутни ризични фактори. Процедурите кои се вршат во рамките на конзервативната медицина се наменети за дијагностицирање болести во нивната рана фаза и спречување на нивниот напредок. Д-р Џенгиз Бавбек вели: „Исто така, можеме безбедно да го применуваме овој метод и кај лица со прогресивни заболувања кај кои се потребни чести и долготрајни томографски скенирања “.

ТРЕТМАН

ТЕХНОЛОГИЈА

ACIBADEM

×
Search