НЕ ИЗНЕНАДУВАЈТЕ СЕ, ВАКВИТЕ ПОВРЕДИ МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧАТ И КАЈ ДЕЦА! ОВАА СОСТОЈБА, КОЈА ПОВЕЌЕ СЕ СМЕТА ЗА ЗАБОЛУВАЊЕ НА ВОЗРАСНИТЕ, МОЖЕ ДА СЕ СРЕТНЕ И КАЈ ДЕЦА НА ВОЗРАСТ НАД 10 ГОДИНИ.
Постојат многу заблуди во врска со кинењето на менискусот, кое многу години наназад сите го нарекувавме „спортска болест“. Најголем дел од луѓето мислат дека заболувањата на менискусот се развиваат само кај некои лица, но овде всушност се работи за кинење на структурата која се вика менискус. Проф. Озгур Четик (Özgür Çetik), ортопед и травматолог во болницата Аџибадем Бакирќој, објаснува дека менискусот е парче природна ‘рскавица во форма на полумесечина и во секое колено се присутни по два такви дела: „Кај секој човек, обете колена имаат по два менискуси, внатрешен и надворешен. Кај нив може да дојде до кинење од различни причини. Кога има таква повреда на овие парчиња ‘рскавица, таа е придружена со голем број проблеми. Во последните години, бројот на случаите на кинење на менискусот е во пораст и кај децата. Во јавноста кинењето на менискусот генерално се смета за состојба која се развива кај спортисти, бидејќи оние кои излегуваат на медиумите со вакви повреди секогаш се спортисти“.
Кинењето на менискусот може да се случи секому, посебно на жените домаќинки. Меѓутоа, како расте бројот на луѓе кои се занимаваат со спорт, кинењето на менискусот стана честа повреда и кај деца кои се постари од 10 години.
Кинење на менискусот не може да се случи толку лесно при трчање во права линија. Меѓутоа, кога коленото ќе се истегне или изврти или ќе дојде до пателарна дислокација на чашката на коленото поради движења како што се нагли свртувања при трчање,постои голема можност дека ќе дојде и до кинење на менискусот.КАКО ДОАЃА ДО КИНЕЊЕ НА МЕНИСКУСОТ?
Кај децата кинењето на менискусот се среќава во две форми. Првата се случува кога менискусот се развива во абнормална форма додека детето е сè уште во матката. Таквиот абнормален менискус, кој е познат како „дискоиден менискус“, имаат форма на дискови, наместо на полумесечина. Менискусот што е во форма на полумесечина е многу поотпорен на кинење од менискусот што е во форма на диск. Во случаите во кои менискусите не успеваат да се развијат во форма на полумесечина додека детето е во матката и остануваат како дискоидни менискуси, често се случува да дојде до кинење на менискус на возраст од пет или шест години. Иако можноста за кинење е голема поради абнормалната структура, постојат и ретки случаи во кои детето влегува во зрели години без да се случи кинење на менискусот. Во превенцијата на кинењето на менискусот во нормални услови, пресудна важност има доброто информирање во врска со соодветните вежби.
Кинењето на менискусот е придружено со определени проблеми. Некои од нив се болки во коленото, вкочанетост и неможност за движење. Дијагнозата може да се постави откако ќе се изврши физикален преглед на детето и ќе се применат некои техники на снимање. Проф. Четик наведува дека состојбата целосно му се објаснува на семејството уште од самиот почеток поради големата веројатност да сметаат дека кинењето на менискусот се случува само кај возрасни лица и спортисти: „Во случаите на дискоиден менискус, на пример, им објаснуваме на семејствата дека менискусот не ја добил нормалната форма и може да дојде до кинење и при најмали повреди. Ако веќе дошло до кинење и пациентот се соочува со проблеми, се врши операција. Меѓутоа, ако кај пациентот не дошло до кинење на менискусот дискоиден менискус е дијагностициран при преглед со МР којшто се врши поради други причини, тогаш нема потреба од третман. Операцијата не се врши поради формата на менискусот, туку поради проблемите кои ги предизвикува таа форма“.
Операциите на менискус се вршат со метод на затворена операција. Со помош на цевки со камери кои се внесуваат во телото преку две локации, се добиваат снимки од менискусот. Со операцијата, на менискусот му се дава формата која би требало да ја има. За време на операцијата, се репарира и кинењето и на менискусот му се дава форма на полумесечина со цел да се избегнат нови повреди во иднина. Ова ги елиминира проблемите на пациентот. Кинењето на менискусот кај деца над 10 години, посебно кај оние кои активно вежбаат, се става во иста категорија со ваквите повреди кај возрасни пациенти. Во таквите случаи, кинењето на менискус кај деца кои имаат 11 или 12 години се третира со истиот метод којшто се применува и кај возрасните пациенти.
Менискусот, којшто не е каква било структура во зглобот на коленото, има определени функции. На пример, обезбедува заштита на ‘рскавицата на зглобовите на колената. Ако со операција целосно се отстрани менискусот, постои можност за 5 до 10 години да започне процес на дегенерација на зглобот. Проф. Четик наведува дека поради ваквата појава, која популарно се нарекува „калцификација“, специјалистите се обидуваат во што поголема мера да го поправат кинењето на менискусот: „Со оглед на тоа што циркулацијата на крв е подобра кај деца и млади пациенти во споредба со повозрасните, можноста за поправка на менискусот кај таквите пациенти е значително повисока откако менискусот ќе се репарира со сутури. Меѓутоа, услов за ваквото опоравување е пациентот да избегнува оптоварување на тој дел од телото. Многу е важно ваквите пациенти да се движат со бастун просечно 1,5 месеци, при што коленото не треба да се оптоварува со тежината на телото. По овој период пациентите можат да продолжат со физички активности. Од друга страна, во случаите во кои не може да се изврши поправка на менискусот и не постои шанса за опоравување дури и ако кинењето се сутурира, оштетениот дел се отстранува. Пациентите можат да продолжат со физички активности 20 дена по ваквата операција“.
Спречувањето на кинењето на менискусот не е можно во секоја ситуација, но ризикот може да се намали. Децата кои професионално се занимаваат со спорт треба да бидат водени од страна на тренери, бидејќи добриот тренер е во состојба да го насочи детето во поглед на вежбите кои ќе го заштитат од повреди, наместо да го насочи веднаш да започне да трча. Нагласувајќи дека е многу важно децата да се учат како да се заштитат од повреди, проф. Четик вели: „Избегнувањето повреди има пресудно значење за долгогодишни спортски активности. Децата кои се дисциплинирани во поглед на самозаштитата се способни да ги избегнат повредите. Меѓутоа, не треба да се заборави дека дури ниту ова не го намалува на нула ризикот од кинење на менискусот“.