ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА СОЧУВУВАЊЕ НА ЈАЈЦЕ-КЛЕТКИ, ТЕСТИКУЛАРНО ТКИВО ИЛИ ЕМБРИОНИ ОД ПАЦИЕНТИ КАЈ КОИ Е ДИЈАГНОСТИЦИРАН КАНЦЕР ВО РАНА ФАЗА, КАКО И ОНИЕ КАЈ КОИ ПОСТОИ ГОЛЕМА ШАНСА ЗА ОЗДРАВУВАЊЕ И ПОКРАЈ ТОА ШТО СЕ ВО ПОНАПРЕДНАТА ФАЗА НА БОЛЕСТА. СО ОВА СЕ ОВОЗМОЖУВА ОВИЕ ПАЦИЕНТИ ДА ИМААТ ДЕЦА ОТКАКО ЌЕ СЕ ОПОРАВАТ ОД БОЛЕСТА.
Средствата за рано дијагностицирање и ефикасно лекување кои се применуваат во овој миг им овозможуваат на лицата со дијагностициран канцер да ја надминат болеста и да продолжат да живеат здрав живот. Меѓутоа, пациентите кои биле третирани пред или за време на периодот на плодност можат да се најдат во ситуација да откријат дека не постои можност да имаат деца откако ќе се опорават. Поради тоа, кај пациентите кои сè уште ги чека планирање на семејство, неопходно е да се преземат потребните мерки за заштита на плодноста. Проф. Тансу Ќучук (Tansu Küçük), гинеколог-акушер во болницата Аџибадем Маслак, вели дека и пациентите и докторите треба да имаат опширни информации за фактот дека плодноста може да се заштити за време на третманот на канцер и додава: „Откако ќе се дијагностицира канцер, и пациентот и докторот сакаат веднаш да се започне со третманот. Во таа фаза ниту еден од нив не размислува за можноста дека пациентот може по опоравувањето да сака да има деца во годините што следат по третманот. Ова може да предизвика каење кај пациентите откако ќе се опорават и ќе оздрават.“ Проф. Тансу Ќучук вели дека, додека во минатото третманот на канцер се изведуваше со ниски дози лекови за хемотерапија, сега пациентите можат да се третираат со поголем успех со помош на многу повисоки дози и, со оглед на тоа што лековите за кои станува збор спречуваат делба, тие можат да ги оштетат и неканцерозните клетки. Покрај ова, некои други лекови ги напаѓаат клетките што не се делат и ги убиваат сите клетки кога ќе стасаат во јајчниците, крвта и мозокот. Оштетените клетки во други органи можат сами да се поправат, но клетките во јајчниците немаат капацитет за овој процес. Истите лекови предизвикуваат оштетување на тестикуларното ткиво кај мажите кои примале терапија во детството и ја намалуваат ефикасноста на изворот на спермата. Поради сите овие ефекти, постојат разни методи кои се применуваат пред започнување со третманот на канцер, со цел да се сочува плодноста.
Кај девојчињата кои биле подложени на третман пред да им започне менструалниот циклус, овулацијата никогаш не започнува или се губи способноста да се произведуваат јајце-клетки, дури и ако на детето му се даваат лекови пред третманот на канцер. Наведувајќи дека решението на овој проблем е криопрезервација на ткиво од јајчниците, проф. Тансу Ќучук додава: „Вршиме лапароскопска операција под општа анестезија така што пристапуваме до јајчниците и за околу еден час целосно или делумно ги отстрануваме, а потоа ги замрзнуваме во форма на малечки ленти. Ако пациентката не успее да забремени на природен начин и во иднина ќе има потреба од тие примероци од ткивото, постои можност тие да се трансплантираат на нивното оригинално место или во внатрешноста на подлактиците, бидејќи тие се, исто така, органи кои нудат лесен пристап. По некое време, ткивото од јајчниците на пациентката започнува да функционира нормално таму каде што е сместено. Ако е трансплантирано на неговото оригинално место, пациентката може да забремени и на природен начин. Но, ако е трансплантирано во друга регија, ова ткиво функционира 2 до 2,5 години. За време на овулацијата, во областа на трансплантацијата се појавува оток којшто наликува на грутка. Кога трансплантираното ткиво ќе престане да функционира, се оживува друг примерок и со него се заменува ткивото што не функционира. Пациентка кај која хормоните работат нормално, овој процес не предизвикува менопаузални тегоби. Меѓутоа, за на една жена да ѝ се овозможи да има деца, неопходно е да се отстрани јајце-клетката што е произведена во трансплантираниот јајчник и да се оплоди надвор од нејзиното тело, што вклучува и процес што се нарекува „in vitro оплодување“. Проф. Ќучук вели: „Истражувачите сè уште се обидуваат успешно да сместат, поточно, да вратат примерок од тестикуларно ткиво назад во тестисот за продукција на сперма. Меѓутоа, кога не постои друга опција, тестикуларното ткиво може да се отстрани со лапароскопска процедура, да се смести во банка и да се чека на нови моменти во развојот на науката“. Процедурите кои се спроведуваат како мерки на претпазливост траат само еден ден и кај момчињата и кај девојчињата и не предизвикуваат никакви одложувања на третманот на канцер.
Пред започнувањето со третманот на канцер кај деца кои веќе имаат менструација и овулација, може да се сочува ткиво од јајчниците и јајце-клетки. Проф. Ќучук наведува дека, додека опцијата на замрзнување јајце-клетки овозможува развој и замрзнување на само 15 до 20 јајце-клетки за време на еден циклус на третман, замрзнувањето ткиво од јајчниците значи дека ќе се сочуваат стотици илјади јајце-клетки, што значително ќе ја зголеми стапката на забременување во иднина. Со оглед на тоа што е мала можноста една осумнаесетгодишна девојка да е во брак, на сите пациенти кои се адолесценти им се даваат лекови за еден циклус пред започнување со хемотерапија или радиотерапија, а целта е да се овозможи замрзнување јајце-клетки. По 10 дена, јајце-клетките созреваат и се отстрануваат од телото. Овој метод го одложува третманот на канцер за околу 12 или 13 дена, а може да се примени ако онкологот процени дека таквото одложување е прифатливо. Проф. Ќучук вели дека презервацијата на ткиво има поголеми предности кај младите луѓе, додека пак презервацијата на јајце-клетки се претпочита кај постарите пациентки, бидејќи резервите на јајце-клетки се намалуваат по 30-тата година од животот, а некои јајце-клетки се губат во периодот меѓу отстранувањето и криопрезервацијата.
Во случаите во кои не е прифатливо да се одложи третманот на канцер или хормоните кои се администрираат за развој на јајце-клетките можат да бидат штетни, се земаат сè уште несозреани јајце-клетки и се развиваат во лабораторија до нивното созревање. За таа цел, течноста во која се ставаат јајце-клетките се меша со разни хормони и други супстанции. Јајце-клетките можат да се соберат од површината на деловите од јајчниците кои се отстрануваат со игла или со лапароскопија за презервација на ткива, токму како процедурата за in vitro фертилизација. Ако пациентката е во брак, зрелите јајце-клетки се оплодуваат со спермата на сопругот и се чуваат како ембриони, а ако пациентката не е во брак, веднаш се замрзнуваат. Процедурата за момчињата во адолесценција е многу едноставна. Од примерок од сперма се собираат 100 до 150 милиони сперматозоиди и се замрзнуваат. Наведувајќи дека криопрезервацијата е најлесниот начин меѓу процедурите кои се поврзани со плодноста, проф. Ќучук вели: „Во спермата има сосема мало количество вода. Затоа тие не претрпуваат големо оштетување при замрзнувањето. Ова овозможува замрзнатата сперма да се употреби многупати“.
Кога една брачна двојка сака да ја сочува плодноста во ситуација кога има доволно време пред започнување со третманот, некои ембриони се развиваат на тој начин што се земаат јајце-клетки од жената и се оплодуваат со сперматозоиди од мажот. Откако ќе заврши третманот на канцер, во матката на жената се вметнува ембрионот. Проф. Ќучук истакнува еден важен детаљ во врска со оваа тема: „Ако почине едно од лицата чиј ембрион е сочуван или ако двојката се разведе, од правен аспект, ембрионот не може да се употреби. Тогаш тој се уништува со согласност и под надзор на Министерството за здравство.“ Во случаите кога хемотерапијата не може да се одложи, а се смета дека ефектите на хормоните би биле премногу штетни, ткивото од јајце-клетките на пациентката се зема со лапароскопски методи и на начин што е сличен на процедурата за детските пациенти. Непотребните делови од ова ткиво се одделуваат во лабораторија, а преостанатиот дел се дели на тенки ленти. Потоа лентите се трансферираат во криогени вијали и се испраќаат на криопрезервација. Кога лицето ќе сака да има дете, се употребува замрзнатото ткиво. Втората опција во таквите случаи е земање прематурни, т.е. несозреани јајце-клетки и нивно развивање во лабораториски услови додека не созреат. За таа цел, течноста во која се чуваат јајце-клетките се меша со разни хормони и други супстанции. Јајце-клетките можат да се соберат од површината на деловите од јајчниците кои се отстрануваат со игла или со лапароскопија за презервација на ткива, токму како процедурата за in vitro фертилизација. Ако пациентката е во брак, зрелите јајце-клетки се оплодуваат со спермата на сопругот и се чуваат како ембриони, а ако пациентката не е во брак, веднаш се замрзнуваат. Сперматозоидите кои се земаат од машки пациенти кои се во брак, се употребуваат за оплодување јајце-клетки од нивните сопруги. Ембрионите кои се развиваат како резултат на ова можат да се чуваат многу години со помош на криопрезервација:
Овој канцер наметнува поинаков пристап кон презервацијата на фертилитетот. Со оглед на тоа што кога е во прашање канцер на јајчници, тие мора да се отстранат хируршки, апликацијата која е потребна за да им се овозможи на пациентките да имаат деца се разликува од останатите случаи. Иако постои можност да се земе дел од канцерозното ткиво на кое канцерот сè уште не се проширил, трансплантацијата на ова ткиво во телото на пациентката е ризична поради можноста за повторување на канцерот. Поради тоа, замрзнатите јајце-клетки се развиваат до созревање и се оплодуваат надвот од телото на пациентката, а еден од ембрионите кои ќе се развијат се става во матката на пациентката.