Церебралната парализа (мозочна парализа), дефинирана како заболување на мускулно-скелетниот систем, е проблем со кој се борат над 17 милиони луѓе во светот. Ова заболување настанува поради повреда на мозокот до која може да дојде во текот на бременоста, породувањето или во неонаталниот период. Меѓутоа, во многу случаи, причината е непозната. Повредата на мозокот, која поради некоја причина се случила, негативно влијае на движењето на мускулите и телото кај децата. Ова може да биде придружено и со други здравствени проблеми, како што се проблеми со говорот, видот и слухот, поради што може да предизвика и проблеми со учењето. Проф. Мемет Озек (Memet Özek), педијатриски неврохирург специјалист во болницата Аџибадем Алтунизаде, споделува информации за церебралната парализа.
Компликациите кои настануваат кај бебињата, како што се мозочни крвавења, недостиг на крв и снабдување со кислород и инфекција на мозокот која е предизвикана од инфекција кај мајката, се наведени како проблеми во бременоста кои предизвикуваат церебрална парализа. Причините кои доведуваат до ова заболување по раѓањето се состојат од инфекции како што се менингитисот и тешки повреди на главата. Во нашата земја, најчестата причина за церебрална парализа кај бебињата е недоволно снабдување со кислород за време на породувањето. Недоволното снабдување на мозочното ткиво со кислород е проблем што е присутен кај бебињата кои имаат модра боја кога ќе се родат, како и кај бебињата кај кои папочната врвца е обвиткана околу вратот и бебињата кои не можат да заплачат веднаш по раѓањето. Трајното оштетување на мозокот до кое потоа доаѓа доведува до церебрална парализа.
Церебралната парализа, која влијае врз контролата на мускулите и движењето на телото кај децата, има различни карактеристики и типови, кои зависат од областа на мозокот во која дошло до повреда. Кај спастицитетот кој е поврзан со церебрална парализа, децата кои го имаат ова заболување страдаат од тешка вкочанестост во рацете и нозете. Со оглед на тоа што ограниченоста на движењата зависи од тоа која област од мозокот е повредена, кај некои деца вкочанетоста е присутна само во рацете, а кај други и во рацете и во нозете.
Кај бебињата што се родени со церебрална парализа, абнормалностите може да се откријат од движењата на бебето и затоа семејствата треба многу внимателно да ги следат своите деца. Движењата на рацете и нозете кај бебињата со ова заболување се многу ограничени и неконтролирани, а екстремитетите лабаво висат. Покрај тоа, кај овие деца се забележува ограничен капацитет на движењата и поради спастицитет, односно вкочанетост на мускулите. Доцнењето во добивањето контрола над главата, телото и седењето, кои се сметаат за камен-темелник во развојот на бебето, се првиот сигнал на кој семејството треба да внимава. Бебињата треба да бидат во состојба да го контролираат држењето на главата на крајот на првите три месеци. Покрај тоа, треба да можат да седат исправено без потпора во нивниот 7 или 8 месец. Родителите кои сметаат дека нивните деца не се развиваат по овој природен тек, треба неодложно да консултираат специјалист.
Ако е можна рехабилитација во раната фаза…
Во овој миг, дури и ако мозочната повреда не може целосно да се лекува, добро испланиран третман може да им помогне на пациентите да постигнат состојба што ќе им овозможи да имаат независен живот. Меѓутоа, раното откривање е од пресудно значење за таквиот третман. Во секој случај, доцнењето може да предизвика сериозни ризици. Кој пристап ќе се избере за третман зависи од состојбата на пациентот. Посебно е важно процедурите на рехабилитација да се започнат во раната фаза. Во тој момент од огромно значење е без никакво одложување да се искористи способноста на мозокот да ја менува формата, позната како невропластика. Кај едно бебе во развој, функциите на клетките кои се во оштетената област можат да се пренесат во околните клетки во мозокот. Меѓутоа, ова може да се направи во рехабилитацијата во раната фаза. Поради тоа, Кај предвремено родените бебиња кои се родени со мозочно крвавење пред истекот на 30 недела и се соочуваат со сериозен ризик од церебрална парализа, со процедурите за рехабилитација може да се започне дури и додека бебето е сè уште во инкубатор. Во секој случај, скенирањето со МР е задолжително за да се добие дефинитивна дијагноза за бебињата кај кои постоивисок ризик од церебрална парализа.
Со оглед на тоа што развојот на едно дете се одвива многу брзо во првите три години од неговиот живот, рехабилитацијата во овој период може да даде многу ефикасни резултати. Секојдневната физиотерапија во голема мера може да го реши проблемот кај деца со умерен спастицитет. Тоа на овие деца им овозможува да можат да живеат без да зависат од други лица. Намената на третманот е да им овозможи на овие деца независен живот и да станат личности кои се корисни за општеството.
Повредата на мозокот што предизвикува церебрална парализа не е прогресивна. Меѓутоа, абнормалноста во движењето на децата кои не добиваат третман во текот на нивниот развој е прогресивна. Во случаите на церебрална парализа во кои спастицитетот не може да се олесни со методи на рехабилитација, од суштествено значење е без никакво одложување да се оди на хируршка интервенција. Во спротивно, како расте детето, така ќе се влошува состојбата и проблемите кои се поврзани со неа. Од есенцијално значење е една добро испланирана програма за рехабилитација да се спроведе додека развојот на детето сè уште трае. Возраста на која ќе се изврши операцијата може да варира, зависно од избраниот метод на операција на спастицитетот. Најраната возраст кога може да се изврши е 2,5 или 3 години. Ако се одложи хируршката интервенција за спастицитет што е поврзан со церебрална парализа, може да дојде до развој на контрактура, состојба во која зглобовите не можат да го постигнат целосниот опсег на движење или едноставно стануваат неподвижни. Во таков случај треба да се консултира искусен ортопед.