Истражувањата на ракот на дојка, кој е болест што може да се третира, се покажуваат како многу надежни. Повеќето од новите методи, кои засега се во фаза на истражување, сè уште не се применуваат, но се предвидува дека тие ќе станат едни од стандардните техники на третман во иднина.
Истражувањата во врска со ракот на дојката, којшто се среќава кај една од секои осум жени, и понатаму се вршат во целиот свет. Иако ниту еден од методите кои се развија сè уште не се применува во ниту една клиника, специјалистите тврдат дека тие методи веројатно ќе бидат дел од стандардните третмани во блиска иднина. Вонредниот професор Тамер Каршидаг (Tamer Karşıdağ), општ хирург и медицински директор на болницата Аџибадем Таксим, вели дека истражувањата на ракот на дојка можат да се поделат во четири главни категории: истражување на причините, истражување на редукцијата на ризикот и третманите, нови лабораториски тестови и техники на снимање.
Кога ќе се проучат студиите за причините кои лежат зад болестите, истражувањата на ефектите кои врз ракот на дојка ги имаат физичката активност, нерамнотежата во телесната тежина и исхраната се издвојуваат од останатите. Вонредниот професор Каршидаг наведува дека, меѓу споменатите студии, посебно впечатливи се оние за сончевата светлина и вели: „Има студија која укажува дека кај лицата кои минуваат повеќе време на сонце или друг тип светлина има помала веројатност да се развие рак на дојка, отколку кај оние кои повеќе време минуваат во затворени простории“.
Исто така, постои истражување на наодите кои индицираат дека прекумерната телесна тежина и прекумерната застапеност на храна што е богата со масти во исхраната, како и практикување седентарен стил на живот, го зголемуваат ризикот од канцер. Вонредниот професор Каршидаг со нас сподели некои информации во врска со ова прашање: „Она што е важно овде се генералните препораки кои важат за сите типови канцер: вклучувањето свежо овошје и зеленчук во исхраната и избегнување преработена храна се само некои од примерите за таквите препораки.
Меѓутоа, најважното нешто е да се знае дека физичката активност е корисна и дека луѓето треба да бидат повнимателни во врска со вклучувањето храна која е богата со масти во исхраната“.
Вториот дел од истражувањето на причините за рак на дојка се состои од генетски студии. Истражувањата во врска со ефикасната употреба на генетските тестови, посебно на мутациите BRCA1 и BRCA2, се во тек. Вонредниот професор Каршидаг го објаснува истражувањето на генските мутации: „Генските мутации кои се идентификуваат надвор од мутациите BRCA1 и BRCA2 можеби немаат големо значење кога се анализираат одделно, но, кога се евалуираат заедно со други фактори, можноста тие да претставуваат фактори на ризик станува важно прашање за кое треба да се размислува. Таквите мали генски мутации исто така отвораат области за нови студии. Слично на истражувањата на ефектот на изложеност на сончевите зраци, постојат и други студии кои се сосредоточени на можноста за зголемување на ризикот од рак на дојка поради условите во животната средина. Во модерниот деловен живот, жените забораваат на тоа дека треба да одвојат време за одмор којшто е потребен за да закрепне организмот. Дури и легнувањето во доцните часови може да биде негативен фактор за здравјето на жената.“
Покрај операцијата, третманот на рак на дојка исто така вклучува и терапија со лекови и хормонска терапија. Постојат студии за потенцијалот на хормонскиот третман за да се намали ризикот од рак на дојка. Вонредниот професор Каршидаг вели: „Поради несаканите придружни појави, хормоните никогаш не се користеа за превенција на рак на дојка. Моменталниот фокус на истражувањата е врз прашањето дали лековите кои обично се користат по операцијата поради рак на дојка исто така би можеле да се користат и за превенција на ракот на дојка. Засега, несаканите придружни појави од таквите превентивни третмани сè уште се во многу голем број. Меѓутоа, можноста да се произведат лекови со помал број несакани придружни појави има потенцијал за надежни резултати.
Истражувањата во врска со придонесот на витаминот А во третманот на рак на дојка, како и придонесот на лековите за третман на остеопороза и висок холестерол, исто така се во тек. Во овој контекст се смета дека екстрактот од семе од грозје, фолната киселина и масните киселини како што е Омега 3, како и витамините Б6 и Б12, имаат ефект во насока на намалување на ризикот од рак на дојка кога ќе се вклучат како суплементи во исхраната. Меѓутоа, вонредниот професор Каршидаг укажува дека овој ефект не треба да се сфати како тврдење дека семето од грозје превенира рак на дојка.
Туморската формација која се наоѓа на внатрешната страна на млечните канали и изгледа слично на онаа на туморите во рана фаза се нарекува ДКИС (дуктален карцином in situ). Меѓутоа, истражувачите сè уште не знаат кои типови ДКИС прогредираат агресивно и се трансформираат во инвазивни карциноми кои се шират и во други делови на дојките. Со цел да се предвиди однесувањето на таквите карциноми, се проценува вредноста од тестот кој се нарекува „онкотип DX“. Тестот што е поврзан со оваа вредност вклучува евалуација на можноста за рекуренција на болеста и, ако не е администрирана никаква радиотерапија, евалуација на ризикот од развој на нов канцер во истата дојка.
„Она што е важно овде се генералните препораки кои важат за сите типови канцер: вклучувањето свежо овошје и зеленчук во исхраната и избегнување преработена храна се само некои од примерите за таквите препораки.“
Истражувањето на болеста вклучува проучување на туморските клетки во самиот циркулаторен систем. Вонредниот професор Тамер Каршидаг вели дека се во тек континуирани истражувања во врска со начините за пронаоѓање на локацијата на таквите клетки преку испитување на крвта: „По операцијата, ракот на дојка е елиминиран. Туморските клетки кои циркулираат во крвта се проучуваат за да се утврди дали нивното откривање во крвта подоцна може да биде индикација за рецидив и дали можат да бидат фактор при евалуацијата на ефикасноста по третманот на пациенти со напреднат рак на дојка. Се смета дека употребата на овие клетки може да послужи како метод за порана дијагноза или да го олеснат следењето на случаите во иднина. Иако ова има потенцијал за детекција на тумори во порана фаза од методите со кои можат да се детектираат со помош на снимки, сè уште нема клиничка примена.“
Најсовремените методи на снимање вклучуваат снимање со 3Д томосинтеза, коешто се користи во болницата Аџибадем Таксим. Вонредниот професор Каршидаг наведува дека кај голем број луѓе и во Турција и во други земји туморите не биле откриени со мамографија и други процедури на мониторирање, а успешно се детектирале со 3Д томосинтеза. Исто така, постојат апарати кои продуцираат молекуларни снимки од дојките со помош на техниката сцинтимамографија. Испитувањето вклучува употреба на радиоактивен агенс, т.е. радиофармацевтик, таканаречен „трасер“, којшто се администрира интравенозно и се закачува за клетките на ракот на дојка. По инјектирањето, се користи специјална камера за да се добијат снимки. Вонредниот професор Каршидаг со нас сподели информации за лековите од новата генерација: „Има студии на група лекови кои се нарекуваат „лекови за целна терапија“. Лековите кои се закачуваат за специфичен ген со цел да го третираат се посебно надежни за во иднина.“