ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ - Acıbadem Healthcare Services (MK)
ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ

ВАКЦИНА ПРОТИВ ХПВ

Превенцијата на ракот на грлото на матката, кој е еден од најчестите типови рак кај жените во светот, е возможна. Со вакцинација можете да се заштитите од ХПВ, преканцерози на грлото на матката и од рак на грлото на матката. Кој може да се вакцинира и како оваа вакцина превенира канцер?

250.000 жени умираат од рак на грлото на матката секоја година. Пред околу 10 години, не постоеше можност да се заштитиме од овој вирус. Меѓутоа, со истражувања се откри дека инфекциите кои се предизвикани од ХПВ можат да се спречат со вакцини, а со тоа може да се превенира и ракот на грлото на матката. Според податоците, во Австралија, една од земјите во кои се аплицира вакцината против ХПВ, инциденцата на прекурсорни лезии на ракот на грлото на матката е намалена за околу 40 проценти. Направивме интервју со проф. Серкан Ерканли (Serkan Erkanlı), експерт на полето на гинекологшката онкологија и оперативната гинекологија во болницата Аџибадем Кадиќој, во кое зборувавме за вакцината против ХПВ, која има клучна улога во превенцијата на ракот на грлото на матката.

Како е создадена вакцината против ХПВ?

Според истражувањата, 50 проценти од жените кои имаат рак на грлото на матката, никогаш во животот не направиле Пап тест. Десет проценти од овие жени воопшто не се тестирале во последните пет години, а кај некои не се детектирал и покрај тоа што го направиле тестот. Пап тестот не е доволен за да се постави дијагноза. Откако во 99,7 проценти од случаите на рак на грлото на матката се детектирани типови на ХПВ кои предизвикуваат канцер, ХПВ е идентификуван како главна причина за рак на грлото на матката. Тоа е причината на агендата да се постави целта да се развие вакцина за превенција на ХПВ и ракот на грлото на матката.

ФУСНОТА

Гениталните брадавици се среќаваат кај 1 процент од популацијата. Кај лицата во нивните дваесетти години овој процент се искачува на 7 проценти. И во случаите во кои пациентките примиле вакцина против рак на грлото на матката, мора да се продолжи со програми за скрининг. Наша препорака е сите жени кои навршиле 21 година да прават Пап тест на секои три години. Скринингот во кој Пап тестот се применува во комбинација со тест за ХПВ, се препорачува за жените по 30 година од животот. Ако обата теста се негативни, стапката на развој на рак на грлото на матката или преканцерозни лезии паѓа на 0,08 проценти за следните пет години.

За кои лица и на која возраст се препорачува оваа вакцина?

Студиите за вакцината против ХПВ се изведуваа главно во старосната група од 15 до 26 години. Постојат два типа вакцини против ХПВ. Едниот тип е четиривалентна или тетравалентна, а другиот е двавалентна или бивалентна вакцина. Тетравалентната вакцина се аплицира против четири типа ХПВ (16, 18, 11 и 6). ХПВ 16 и 18 се во високоризичната група вируси и се причина за околу 70 проценти од случаите на рак на грлото на матката. Типовите ХПВ 6 и 11 не предизвикуваат канцер, но се одговорни за околу 90 проценти од случаите во кои на цервискот се среќаваат генитални брадавици. Бивалентната вакцина не може да пружи заштита против гениталните брадавици, бидејќи е развиена за да дејствува против вирусите 16 и 18. Со оглед на резултатите од студиите, се чини дека обете вакцини се исклучително ефикасни. Секако, исто така е важно вакцинираното лице да нема претходна историја на инфекции со ХПВ.

Дали со оваа вакцина ракот на грлото на матката заминува во историјата?

Кога ги испитуваме случаите на рак на грлото на матката, се чини дека најзначајниот фактор е ХПВ, т.е. хуман папилома вирус. Меѓутоа, сите ХП вируси не предизвикуваат канцер. Голем број жени се инфицираат со овој вирус, но, во 90 проценти од случаите, имунолошкиот систем го исфрла вирусот без жената воопшто да биде свесна за сето тоа. Во преостанатите 10 проценти од случаите, оваа состојба станува трајна. Некои дополнителни фактори, како што се пушењето, слабиот имунитет, употребата на контрацептивни апчиња, социоекономскиот статус или генетски фактори, можат да влијаат ХПВ да опстои. Во некои од овие случаи се развиваат преканцерозни лезии како CIN2 и CIN3. Некои од овие преканцерозни лезии се претвораат во рак на грлото на матката. Како резултат на тоа, ХПВ се детектира кај речиси 100 проценти од сите случаи на рак на грлото на матката. Меѓутоа, ракот на грлото на матката не се развива кај секоја жена која ќе се зарази со вирусот. Постојат околу 14 високоризични типови на ХПВ. Типовите со броевите 16 и 18 се одговорни за 70 проценти од случаите. Тешко е да се тврди дека ракот на грлото на матката ќе замине во историјата, бидејќи сè уште не постојат вакцини за останатите 30 проценти.

Колку време вакцината обезбедува заштита?

Вакцината се применува во три дози, а за да биде ефикасна, мора да се инјектираат сите три дози. Тетравалентната вакцина се аплицира во 0, 2 и 6 месец. Тоа значи дека втората доза се аплицира два месеца по првата доза, а третата доза се аплицира шест месеци по првата доза. Бивалентната вакцина се аплицира во 0, 1 и 6 месец. Според неодамна објавеното истражување, превентивното дејство на бивалентната вакцина трае осум години. Со оглед на тоа што овие вакцини се развија неодамна, се очекува времетраењето на овие периоди на заштита да се зголемува. Што се однесува до тетравалентната вакцина, нејзиниот ефект трае шест години.

Кој треба да ја прими оваа вакцина?

Четирикратната вакцина не треба да им се дава на лица кои имаат алергија на квасец, бидејќи оваа вакцина се прави со помош на квасец. Бивалентната вакцина не се администрира ако лицето е чувствително на материјали од типот на латекс поради техниката на нејзиното производство. Ако лицето има треска или е умерено или тешко болно, се очекува болеста да исчезне. Во нормални услови, администрирање на вакцината не се препорачува кај бремени жени, иако во литературата нема истражени случаи во кои е забележан негативен ефект врз новороденчето.

Што е најново во врска со вакцината против ХПВ?

Сега се работи на вакцина која ќе биде ефикасна против девет типови на ХПВ. Покрај заштитата од овие девет типови, обезбедена е и заштита од видови кои ѝ припаѓаат на истата фамилија. Според математичките предвидувања, може да се спречат 90 проценти од сите случаи на рак на грлото на матката. Сите администрирани вакцини против ХПВ се сметаат за превентивни. Со други зборови, тетравалентните и бивалентните вакцини се ефикасни кај оние кои никогаш во животот не се заразиле со ХПВ. Оттаму, статусот на овие вакцини не е терапевтски, туку превентивен. Денес, истражувањата во насока на терапевтски, односно куративни вакцини се во тек. Ако истражувањата бидат успешни, терапевтските својства за поддршка на имунолошкиот систем ќе добијат многу поголема важност. Една друга новост е поврзана со дозирањето… Вакцината против ХПВ се администрира во три дози. Во тек се студии чија целе тоа да се сведе на две дози. Зголемувањето на бројот на дозите може да влијае во насока на намалување на стапката на лица кои ќе ја комплетираат вакцината со сите дози. За да се избегнат ваквите загуби, многу е важно да се работи на намалување на бројот на дозите.

Со оглед на резултатите од студиите, се чини дека обете вакцини се исклучително ефикасни. Секако, исто така е важно вакцинираното лице да нема претходна историја на инфекции со ХПВ.

ТРЕТМАН

ТЕХНОЛОГИЈА

ACIBADEM

×
Search