Рак на простата - ACIBADEM (Аџибадем)
Рак на Простата

Рак на Простата

Симптоми и третман на рак на простата

Ракот на простата е вториот најчест вид на рак кај мажите ширум светот. Со соодветна грижа, целокупната прогноза за пациентите со рак на простата генерално е позитивна, благодарение на напредните методи за дијагностицирање и успешните техники на лекување. Болниците „Аџибадем“ во Турција нудат целосен опсег на опции за дијагностика и третман, обезбедени од мултидисциплинарен тим експерти со меѓународно признание.

Чести болести на простата

Простатата, која е присутна кај секој маж од раѓање, се наоѓа веднаш под мочниот меур. Нејзините функции се поврзани со репродукција и созревање на спермата. Нормално, таа е со големина на орев кај младите мажи, но почнува да расте како што мажите стареат. Бидејќи уринарниот тракт поминува низ простатата, зголемувањето на овој орган предизвикува компресија и проблеми со мокрењето.

Болестите на простатата можат да бидат или малигни или бенигни, а бенигните состојби се многу почести. Најчести од нив се BPH (бенигна хиперплазија на простата), простатитис (инфекција на простата) и рак на простата. Сите тие можат да предизвикаат уринарни тегоби како што се често мокрење во текот на ноќта и денот, чувство на печење при мокрење и неможност за целосно празнење на мочниот меур. Иако ретко, тие, исто така, може да предизвикаат проблеми со ејакулација и крварење. Додека BPH и ракот на простата вообичаено се јавуваат кај мажи над 40 години, простатитисот често се развива кај помлади мажи.

Што е рак на простата?

Ракот на простата започнува со абнормален раст на клетките во самата жлезда. Клетките на ракот растат и се делат со брзо темпо, создавајќи тумор. Со текот на времето, клетките на ракот може да се шират во блиски и далечни ткива и органи (метастазираат).

Додека бенигната хиперплазија на простата (BPH) предизвикува тешкотии при мокрење и други тегоби, ракот на простата е подмолно заболување бидејќи често се развива во периферната зона на простатата. Многу често, може да не покаже никакви симптоми пред да достигне напредна фаза. Заради тоа годишните медицински прегледи се клучни за рана дијагноза и успешно лекување.

Што предизвикува рак на простата?

Точните причини за рак на простата сѐ уште не се целосно познати. Постарата возраст се смета за ризик фактор број еден, бидејќи повеќето случаи се откриваат после 50 години. Генетската предиспозиција и дебелината, исто така, се поврзани со поголем ризик. Според некои студии, мажите кои консумираат големи количества на масти, особено од црвено месо подготвено на висока температура, се со поголема веројатност да развијат напреден рак на простата. Се смета дека основен фактор може да бидат хормоните: мастите  стимулираат зголемена продукција на тестостерон и други хормони, а тестостеронот го забрзува растот на канцерогени клетки.

Исто така, важна е семејната историја. Ризикот за развој на рак на простата се зголемува за 7 пати кај луѓето кои имаат членови на семејството со оваа состојба. Покрај тоа, ако мајката на мажот имала рак на дојка, тогаш тој е со поголем ризик да развие рак на простата. Ова се случува кај носители на мутации на BRCA, но, исто така, се вклучени и други фактори на ризик. Луѓето кои имаат членови на семејството од прво колено дијагностицирани со рак на простата или рак на дојка со BRCA треба да започнат со редовни прегледи и тестови за PSA на возраст од 40 години, додека оние без семејна историја може да започнат на 45 години.

Знаци и симптоми на рак на простата

Болеста може да не манифестира никакви симптоми во рана фаза, или ако се појави, лесно може да се меша со бенигни состојби. Симптомите на рак на простата може да опфаќаат често мокрење, вклучително и ноќе; тешкотии при мокрење; поделен проток на урина и чувство на нецелосно празнење на мочниот меур; печење или болка при мокрење или ејакулација; крв во урина или сперма; еректилна дисфункција. Почеток на будење ноќе за да уринирате по 40 -годишна возраст, исто така, е еден од симптомите. Треба да се запомни дека ракот на простата воопшто не покажува рани знаци. Тоа е причината зошто годишните рутински прегледи се од суштинско значење.

Дијагностицирање на рак на простата

Кога пациентот се консултира со лекар поради тегоби што можат да бидат предизвикани од рак на простата, дијагностичкиот процес вообичаено опфаќа некои од следниве постапки:

• PSA (спрецифичен антиген за простата) тест за мерење на нивото на PSA супстанцијата продуцирана од простатата;

• Тестови за урофлометрија за да се процени протокот на урина;

• Ултразвучен преглед за проверка на големината и анатомијата на простатата;

• Дигитален ректален преглед (DRE) изведен со рака за да се испита структурата, формата и големината на простатата;

• Биопсија на простата за да се анализира примерок од ткиво на простата во лабораторија доколку се појави сомневање за малигна состојба за време на претходните испитувања.

Во „Аџибадем“ се користат сите воспоставени и некои иновативни методи и техники за точна дијагноза. Системот Esomed за рана дијагноза на рак на простата овозможува пациентите да се прегледуваат облечени, елиминирајќи ја потребата за ректален преглед со рака во многу случаи. МР/Ултразвучна фузиска биопсија значително ја подобрува прецизноста и сигурноста кога се земаат примероци од ткивото на простата, бидејќи сомнителните области се откриваат со голема прецизност со помош на повеќе- параметарска магнетна резонанца. Порано, кај  некои пациенти тоа не можеше да се дијагностицира навреме, бидејќи иглата за биопсија не успеваше да пристапи до точната област. За време на постапката МР/УЗ фузиска биопсија, тридимензионалните снимки од скенирањето на ректумот со ултразвук се комбинираат (спојуваат) со оние од скенирањето со магнетна резонанца, овозможувајќи да се земе примерок од вистинското место со милиметриска прецизност.

Ако резултатите од патологија потврдат присуство на рак на простата, може да се препорачаат дополнителни анализи и испитувања за да се утврди дали ракот се проширил и на други делови од телото. Тие може да бидат скенирање со МР, КТ , ПЕТ или скенирање на коски. Сите високо-технолошки уреди што може да бидат потребни за дијагностицирање на рак на простата се достапни во „Аџибадем“ без период на чекање, обезбедувајќи брз и точен дијагностички процес.

Видови на рак на простата

Повеќе од 95% од сите видови на рак на простата се од видот наречен аденокарцином. Потекнува од жлездените клетки на простатата. Аденокарциномите вообичаено се бавно растечки и неагресивни видови на рак, иако имаат некои варијации. Дукталниот аденокарцином генерално е поагресивен и се шири побрзо од случаите на ацинарен аденокарцином. Исто така, постојат и некои ретки видови на рак на простата кои потекнуваат од различни клетки на жлездата, како што се ситноклеточен карцином , карцином на сквамозни клетки, карцином на преодни клетки или уротелијален карцином, невроендокрини тумори, сарком на меки ткива. Видот на рак на простата, заедно со фазата и степенот, ја одредуваат стратегијата за лекување.

Фази на рак на простата

Откако ќе се потврди дијагнозата, се одредува фазата за да се утврди степенот на болеста, односно колку далеку напредувала. Одредувањето на фазата на рак на простата е клучно за планирање на лекувањето и прогноза на пациентот. Генерално, во фаза 1 и фаза 2, ширењето на туморот е ограничено на простатата. Фаза 3 е кога туморот пораснал надвор од простатата, вообичаено до семените везикули, познато како локално напреднат рак на простата. Рак на простата во фаза 4 значи дека болеста се проширила на околните лимфни јазли или далечни органи. Во некои случаи, може да метастазира и до коската.

За одредување на фазата на рак на простата во „Аџибадем“ рутински се користи Галиум-68 PSMA PET. Тоа овозможува супериорна прецизност при идентификување на метастази или рецидиви во споредба со конвенционалното снимање  со компјутерска томографија (КТ) и сцинтиграфија. Радиофармацевтскиот галиум-68 PSMA посебно се врзува за мембраната на туморските клетки во простатата. Тоа овозможува да се процени туморот, но и да се процени дали се проширил на лимфните јазли или коските.

Третман за рак на простата

Третманот за рак на простата се планира индивидуално, според видот, големината и агресивноста на туморот, како и возраста на пациентот, преференциите и целокупната здравствена состојба. Процесот на лекување може да опфаќа една или повеќе од следниве опции:

• Активен надзор. За голема група пациенти со рак на простата, никогаш нема да биде потребно лекување. Тие се мажи со тумори од низок степен, кои полека напредуваат или имаат „клинички незначајна болест“; тоа значи рак кој никогаш не предизвикал симптоми и најверојатно никогаш нема да му наштети на пациентот или да го загрози неговиот живот. Тие внимателно се следат и ако болеста некогаш стане вистинска закана, тогаш се третираат навремено. Речиси 2/3 од пациентите на активен надзор никогаш нема да бараат активен третман и на тој начин ќе ги избегнат несаканите ефекти од непотребното лекување.

• Терапија со нано-нож (NanoKnife). Ова е безбеден метод за фокален третман на рак на простата, што се применува како алтернатива на операцијата кај избрани пациенти. Постапката NanoKnife користи кратки, ниско-енергетски електрични импулси за да ги уништи клетките на ракот. Бидејќи овој метод не предизвикува загревање и промена на температурата во ткивата, може да се земе предвид за тумори лоцирани блиску до нервите и уретерот.

• Хирургија. Тоа е најефективната опција за лекување на рак ограничен само на простатата; исто така, се користи кај пациенти со напредат рак на простата во комбинација со други опции на лекување. Операцијата за рак на простата вообичаено подразбира отстранување на простатата, наречена радикална простатектомија. Може да се изведе како отворена или лапароскопска хирургија. Во „Аџибадем“ често се изведува радикална простатектомија што ги поштедува нервите кај соодветни пациенти. Кај избрани случаи, овој метод обезбедува ефективен третман и им обезбедува на пациентите подобри шанси да ги зачуваат уринарните и сексуалните функции по закрепнувањето.

• Операција на простата со помош на робот. Операцијата со помош на робот е следното ниво на лапароскопија. Во овој случај, хирург кој седи на конзола управува со роботски уред наречен „Да Винчи“. Тоа овозможува јасна 3-димензионална визуелизација на местото на операцијата, зголемено за 12 пати на конзолата. Понатаму, роботските инструменти во системот, кои можат да ротираат под агол од 540 степени, можат да стигнат до области до кои не може да се пристапи рачно. Придобивките за пациентите се помали засеци, помала болка, минимална загуба на крв и побрзо закрепнување. Покрај тоа, крајната прецизност на роботскиот систем често овозможува отстранување на ткивата на ракот, истовремено зачувувајќи ги клучните структури и нерви одговорни за уринарна континенција и сексуални функции. Во „Аџибадем“ работат некои од најискусните хирурзи и тимови за нега за операција со помош на робот во Турција и во светот.

• Третман со зрачење. Се користи или како куративен третман за локализиран карцином на простата или како отстранувачка (намалување на оптоварувањето од туморот) или палијативна терапија за пациенти со локално напреднат или метастатски карцином. Во „Аџибадем“ се изведуваат и надворешно зрачење со најнови уреди за радиотерапија и брахитерапија (радиоактивни извори поставени локално во телото).

• Фокусни терапии (HIFU, криотерапија). Овие техники се неинвазивни и се користат за уништување на клетките на ракот со загревање или замрзнување како што одговара. Може да се применат за третман на многу мали тумори локализирани во простатата, додека околните ткива на простатата остануваат недопрени.

• Третман со лекови. За разлика од другите опции за лекување што се применуваат локално, лековите што се користат за напреднат рак на простата се наменети да стигнат до клетките на ракот низ телото. Оттука, ова се нарекува систематски третман. Постојат различни опции, вклучително и хормонска терапија, со цел да се намали продукцијата на машкиот хормон тестостерон што го стимулира растот на клетките на ракот на простата; хемотерапија дадена орално или со инјекција; имунотерапија или целна терапија што може да се примени за одредени пациенти. Искусните медицински онколози во „Аџибадем“ се во можност да изберат најдобра опција на лекување за секој поединечен пациент врз основа на неговата медицинска историја и нивната огромна експертиза.

• Лутециум-177 PSMA терапија. Ова е иновативна опција на лекување во областа нуклеарна медицина. Соодветна е за пациенти со напреднат рак на простата, исто така, познат како метастатски рак на простата, кога другите опции се исцрпени. Мембранскиот антиген специфичен за простатата (PSMA) е специфичен маркер што се наоѓа на површината на клетките на ракот на простатата, вклучувајќи метастази низ телото. Радиоактивниот изотоп лутециум-177 се дава со инјекција во крвотокот на пациентот. Тој е комбиниран со молекула која може да се локализира и да се поврзе со рецепторите за PSMA на клетките на ракот, каде и да се во телото. Така клетките на ракот селективно се таргетираат и се уништуваат со зрачење. Терапијата со Lu-177 PSMA придонесува за продолжено преживување и подобрен квалитет на живот дури и кај пациенти со метастатски рак на простата отпорен на кастрација, состојба кога болеста повеќе не реагира на хормонска терапија.За успешни резултати од третманот за рак на простата, „Аџибадем“ применува тимски пристап. Висококвалификувани специјалисти во различни медицински дисциплини, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, урологија, лабораториска патологија, радиологија, нуклеарна медицина, хирургија, медицинска онкологија и радиотерапија, се здружуваат во нивните напори да постигнат најдобар исход за секој пациент. Интегрираната нега е од суштинско значење за лекувањето на рак на простата и задоволството на пациентите, бидејќи се избираат, проценуваат и обезбедуваат сите опции на лекување на едно место.

ТРЕТМАН

ТЕХНОЛОГИЈА

ACIBADEM

×
Search